Мажи - не можеш да живееш со нив,
а не можеш ни да ги закопаш во дворот без да те види комшијата. -Трендо
а не можеш ни да ги закопаш во дворот без да те види комшијата. -Трендо
.
Кога е мал човекот учи нешта кои ќе ги практикува низ целиот свој живот, тие стануваат дел од него и се појавуваат низ годините како флешови, секогаш во вистинското време. Ама баш секогаш! Јас не научив ништо од мал, сѐ што научив го научив отпосле, но меѓудругото научив дека луѓето треба да ги цениме по доброто што го направиле, а за лошото постои некоја сила во универзумот која ги враќа нештата на место и се вика карма. Луѓето обично мислат дека кога не ѝ веруваш - не ти се случува. НЕ! Туку не си свесен дека ти се случува. Што и не е така лоша опција.
На знам на Трендо дали му се случи карма со тоа што повеќе не е дел од он.нет (дали доби клоца која јасно е дека и си ја заслужи) или не, сеедно, фактот е дека Трендо официјално се разведе од Трендоленд. Иако тоа се предвидуваше поради продавањето на он.нет сепак наиде на измешани чувства кај блогерите во Македонија бидејќи сакале или нејќеле тој е нивниот татко, тој го основа блогерајот во 2005-та година и беше масовно прифатен од македонските сајберпанкери, но и од сите останати кои сакаа нешто да му соопштат на светот во моментот кога тоа никој не го правеше. Тоа беа шака луѓе, но шака вистински луѓе. Беше некако привилегија да се биде еден од нив, те сметаа за вистински човек, те прифаќаа и те чувствуваа за свој, бидејќи штом си тука и имаш желба да си тука, тогаш немаше причина за сомнеж. Се измислија и десет трендови заповеди, Трендо доби божествена титула, а имаше и позната блогерска игра - Штафета, која се играше еднаш или два пaти годишно.
Мора да се признае дека постоеше и елита, тоа беа новинари, книжевци, писатели, професори и тн. Формираа здружение на блогери, се појавуваа по емисии наменети за темата блогирање, се одржуваа разни требини и конференции од кои ми текнува на последната за употреба на кирилица на интернет. Тоа беа навистина сајберпанкерски денови, тоа беше времето кога во Македонија многу малку луѓе користеа интернет, а уште помалку се изразуваа на интернет. Беше вистински рај за ентузијастите и луѓето кои имаа силна желба да ги сменат нештата, па макар тоа биле и нештата кои се во нив.
Од блогерајот израснаа писатели, новинари, тв водители, а најмногу програмери и одржувачи на сајтови. Повеќето македонски сајтови денес ги уредуваат луѓето кои првото такво искуство го доживеале на блогерајот. Писателите како Алекс Букарски и Дуле Варваринот беа првите што се прославија, па по нив следуваа четиринаесет блогери со едицијата блог записи во издание на Аквариус каде Трендо имаш говор како администратор на блогерајот и главната основа без која ништо од тоа не би постоело.
После некоја година се појавија нова група (њу ејџ) млади раскажувачи од кои двајца се прославија токму минатата година кога окно.мк ги објави нивните збирки блог раскази преку Темплум, тоа беа Куќоберникот (Иван Шопов) и Фигмент (Ненад Јолдески). Освен прославените, постојат уште многу непозанти критичари, филосови, писатели, поети и уредувачи на популарни сајтови; кои нивната размислувачка способност ја гаеја токму на блогерајот без кој ништо од тоа немаше да постои. Трендо е заслужен што засеа едно поле за интелигентно комуницирање и изразувае на младите, од кое се родија многу талентирани уметници и доста критичари, интелигентни и елоквентни луѓе. Меѓудругото постоеше и еден специфичен хумор кој беше повеќе во иронична смисла, од каде дебело се разви интернет сеирџиството, во позитивна смисла секако.
Кога во 2009та се популаризира Твитер како микро-блог алатка, повеќето блогери ги префрлија своите блогови на блогспот или вордпрес, а за здруживање меѓу себе користеа твитер. На блогерајот останаа луѓе без креативност, желби и амбиции; но се разбира и за тоа беше заслужен самиот Трендо, бидејќи не можеше да овозможи пристојни технички услови за блогирање, а можеби и поради преплавеноста на секакви луѓе, па креативците се повлекоа во своето твитер дувло, но сепак факт беше дека блогерајот се распадна, а Трендо не знаеше како да го поправи. Со последни сили, Трендо основа нова платформа, мислејќи дека ќе ги поправи сите нештата, но доби токму контра ефект – ги избрка и последните блогери. Тука ја направи клучната грешка поради која го мразат буквално сите блогери, иако тој ги направи блогери – тој им ги заклучи блоговите на сите и сосила ги премести на новата платформа купена од вордпрес, ја запушти платформата со милион недостатоци и багови, стана нефункционална и поради самото тоа – стана и одвратно место за посетување бидејќи собра глутница неразумни, потпросечно интелигентни и ужасно мизерни. Ама Misery loves company, па глутницата продолжи и денес да си блогира и да расте од ден на ден, но во најможниот некреативен правец кој некогаш постоел.
Токму и за тоа е заслужен господинот Трендо. Но мислам дека најголемата омраза од блгоерите ја доби кога им го одзема правото на своите блогови и ги присили да се префрлат на друга платформа која воопшто не беше технички подобра од претходната, туку напротив. А нивните поранешни постови ги изобличи со префрлувањето, па луѓето се згрозија од своите нови блогови и никогаш повторно не ги отворија. Освен тоа, повеќето блгоери, не добија ни шанса да го префрлат блогот, бидејќи нивниот предходен ник бил на кирилица и немаше никаков начин тоа да се поправи. Се праќаа милион мејлови до Трендо, но ништо не помогна.
Од оваа кратка историја на македонскиот блогерај, може да се увидат и добрите и лошите одлуки на господинот Трендо кого на времето го направивме бог за создавањето на нашиот блогерски свет, а потоа со години го колневме и го мразевме од дното на душата, за да денес конечно го видиме како го продава своето блогерајско ѓубре и бега што подалеку од своите грешки. Можеби новиот сопственик на он.нет и блогерајот ќе направи нешто професионално во врска со сајтовите, а можеби и ќе го изгаси блогерајот од кој повеќе никој нема корист и ќе стави крај на таа здружена глутница на блог.мк која го изобличи и самиот поим блогирање.
.
_____
[Напомена: моите лични видувања за одлуките на Трендо преку раскажување на неколку годишна историја на македонскиот блогерај; не треба да влијаат врз личниот профил на овој човек и неговите вистински вредности бидејќи немаме ништо блиско со него, освен можеби хороскопскиот знак. :-) ]
2 comments:
Прво, времето на користење на кирилица, почна одамна уште пред блоговите да не речам и пред интернет, во далечната 96,97 година, кога група модемџии, испрограмира кирилична поддршка :). Во тоа време требаше да се поседува одредена техничка култура, и колку што е разликата од нерегулирани форуми, толку беше разликата од составот на блогери, до тогашниот дел на луѓе- и интелектуално и содржински, во нивен прилог. Така да блогерајот е мејнстрим а не некој панк тренд :)Во врска со Трендо, многу повеќе го почитував додека му ги читав колумните- тој е доказ дека дури и неколку евиденти мудрости, не можеѓ до бескрај да ги рециклираш како вредност :), нешто слично како жената му, која рецилкираше реклами од Баг цедеата и ги претрставуваше како емисија. Така да, секому со здравје не е нешто што ќе медостига. Оние, компјутерски присутни и кои имаат што да кажат, никогаш не му се восхитувале. Дорпинис на Трендо ? Ја промовира црната овца фем... нетокмула
Да, кирилицата постоеше од поодамна, но во тоа време очајно ѝ требаше промоција затоа што на интернетот беше застапена со некои мизерни 10 проценти, отприлика; додека латиницата им беше на сите полесна затоа што тестатурите се на латиница испишани.
За „панк трендот“ мислам дека погрешно го истолкува поимот Сајберпанк употребен во постот, патем таму затоа таму е линкиран и линкот води до негово поопширно објаснување. И не, не мислам дека беше мејнстрим, или барем не првите 2-3 години, на пример фејсбукот е мејнстрим денес, па може ли да направи споредба со тогашниот блогерај ценејќи по интелектуална корисност? Освен тоа, постоеше и кајгана и уште доста слични начини на изразување, не беше блогерајот нешто единствено за да сите сакале или нејќеле, мора да го користат ако сакаат нешто да кажат на интернет.
Трендо сепак мислам дека допринесе многу, можеби тебе ти се гледа само од една страна т.е. промовирање на црнат овца (која патем пропадна, така што и не палело изгледа тоа рекламирање), но постојат милиони други нешта кои чие постоње има причинско-последичната поврзаност со создавањето на блогерајот на Трендо. Во постот ги раскажав најбитните од нив, но има уште многу..
Post a Comment