Saturday, March 10, 2012

Избрзан активизам

Неопопуларност е интересна појава, се однесува на популарноста на виртуелни никови или имиња од социјалните мрежи како фејсбук и твитер, а оваа популарност со себе носи и огромно влијание врз голема група корисници на социјалната мрежа. Тоа има огромен удел во активизмот организиран онлајн, бидејќи првите иницијатори се токму популарните корисници на твитер, оние со над 2000 следбеници да речеме. Но во последново време (поточно денес) забележувам дека онлајн активизмот не само што беспотребно се појавува туку и е доста непромислен и избрзан, што донесува несакани ефекти кои на пример во случајот со протестите за Мартин Нешковски се одразија со само грешка во името, додека конкретно за утрешниов најавен #собир не сакам ни да помислам дека не саканиот ефект ќе биде токму контра-ефект т.е. дополнително нарушување на јавнит мир, бидејќи е многу веројатно дека во ваквата вжештена ситуација која владее во моментов, лесно може поентата на собирот да биде (намерно) превртена наопаку.
.
Да појаснам, на твитер во моментов со хаштаг #собир, се организира собирање на поголема маса луѓе од различна националност кои треба да демонстрираат соживот. Идејата искрено звучи супер, но проблемот лично го наоѓам како прво во неефективноста на самиот собир и мислам дека таа енергија која ќе се потроши за такво нешто би можело да се искористи за поефективен настан како на пример организирање музичка манифестација, или монтирање бесплатно мини кино на плоштадот каде ќе се прикажат документарци засновани на непотребноста и штетноста од националната омраза. Има толку многу убави идеи каде може да се потроши енергијата од младиот активистички ентузијазам, а наместо тоа се организираат собири и протести кои понатаму знаеме како се префарбуваат во политички цели, башка таквиот активизам по дефиниција и самиот е всушност дестабилизирање на редот (не мирот, туку само редот) на државата.
.
Патем ова мое мислење пред малку го искажав на твитер со таквиот автентичен твитерски пристап, преку сатирична аналогија:
Поради што добив ваков одговор:
Но има и луѓе кои се сложуваат за неефективноста на собирот:
Таквиот инстантен напад кој го добив од John Hawkins со обвинување дека сум заслепен со национализам и омраза, очигледно јасно кажува колку твитер активизмот е заснован на избрзани и непромислени реакции кои поточно за овој случај се базираат на измислени предрасуди. Можеби од една страна тоа е ефекот на ограниченоста на буквите на 140 поради што нештата не можат баш најјасно да се искажат, и тоа е потребно да се земе во предвид пред да се почнат обвинувања. Додека од друга страна е можеби резултат на популизмот кој го шират популарните меѓу тривер заедницата т.е. оние со најмногу фолери кои меѓудругото се сметаат и за најголеми „фраеришта“.
.
Само колку да споменам, јас сум секогаш ЗА активизам и организирање манифестации за подигање на јавната свест, еднаш и сам организирав такво нешто: Lets Grow Awareness, но, забележувам дека на интернетот (посебно твитер) зачестуваат организирања на протести и мирни собири кои немаат баш никаква ефективност за подигање на свеста и дека таа енергија може да се насочи кон нешто многу попрактично, поубаво и поефективно, погоре наведов неколку примери. Со оваа теорија посебно се послужи движењето слободен интекс кое после увидување на залудноста од протестите се свртеа кон организирање културни манифестации.
.
Навистина изгледа чудно што нашата активна младина активизмот денес го сфаќа единствено како протест, занемарувајќи ги новите и попрактични идеи за поттикнување на свеста кај луѓето. Лесно е нели да се твита дека #бродот и спомениците се залудно потрошени државни пари, а малку потешко ни е да погледнеме на проблемот во нас активистите, да ја согледаме нашата залудно потрошена енергија и ентузијазам.

0 comments:

Post a Comment

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More