Thursday, April 14, 2011

Улога

“No man can walk out of his own story”
-Rango [movie] 01:22:08
.
Она во кое влегуваме и биднуваме дел, се вика себе си – улога. Ние ја играме само затоа што веруваме дека сме тоа што сме одлучиле. Но не. Ние сме никој, ние сме пиксел во бесконечно пикселниот монитор, а кога ќе го дознаеме тоа, воопшто не обрнуваме внимание затоа што просто – не веруваме. Никогаш не постои тоа што постои, туку тоа што веруваме дека постои.
.
Не сакам да плукам по луѓе, особено не во моите најомилени идоли од детството – Тони Михајловски и Игор Џамбазов, не затоа што ми се хороскопски роднини ами и затоа што ги сакам. Нели, некои верувања никогаш не избледуваат до крај, колку и да свети денот од иднината. Мразам и да мрчам де по едни или други, или во најлош случај – само по едни (не сум okno.mk, нели?); но после една мала реконструкција на неколку случки од кои ми се грчеа мислите додека ги следев, открив дека Тони и Игор откако добија клоца од театрот, решија да ја играат улогата на животот. Сега застанаа пред публика од два милиони жители. Па тоа е просто фантастично, тие се надминаа себе си! Или па не?
.
Некои луѓе разликуваат вистински книги од обични трачеви со сликички, а некои разликуваат вистински луѓе од глумци, но што е значи тоа „вистинско“? Можеби само е вистинско за твојата реалност, а тоа не значи дека е вистнско и за нечија друга, сите имаме различни реалности нели, некои слични едни со други, некои ни навидум. Но сите ние веруваме во својата улога, токму затоа што сме убедени дека не ја играме неа, туку дека тоа сме ние. Секој од нас има животна улога: адвокат, професор, лекар, економист, глумец, пејач, сликар. Можеби тоа сме ние, ние сме нашта улога?
.
Џамбазов го немаше со години, беше заборавена легенда, сите го обожаваа, а никој не знаеше дека постои. И оп! За неполни шест месеци еве го со титула „маестро“, ги полни секојдневните екрани и весници – човеков станал писател. „Прирачник за анти антиалкохолочари “ е насловот на најновата негова книга, за која првата нејзина читателка, Калипи, вели дека целата осцилира со чувства, мафтајќи со рацете горе-долу во стил на слободно летање. Секако, таа и Игор имаат афера, знаете? Не е битно. Откако човекот се обиде да заработи величејќи го својот коцкарски профил и ограмната своја загуба поради тоа, овој пат ќе се обиде да заработи најверојатно величејќи го својот алко профил натопен во ефтини штосови како „првпат во животот некој да ми рече дека сум пиел два литри ракија на ден“ (извадок од книгата).

Тони од друга страна кој е(или беше) мој сограѓанин, за среќа не и соселанин; сака на ист начин да заработи од својата слава, па без да му текне нешто порогинално – и овој реши да биде мудрец на зборовите. Имено, реши да пишува колумни. Како дете од село во кое владеат мафијашки трилери и одвратен речник за шегување, тој целосно се вклопи во комедијата на македонската претстава. Неговиот колумниски речник е просто генијален, се надминува себеси во секој од безбројните пунктови од својата мултиталентност.

Ме загрижуваат згрчените мисли кога сознавав до каде истрчаа овие мои дамнешни идоли. Дали тие повеќе грешат глумејќи згрешена улога, или ние кои целосно им веруваме во тоа, не проверувајќи ги вистинските вредности на пишаните букви? Всушност што е тоа „вистинско“, ако не само секвенција која (не)ни се совпаѓа со субјективната реалност?
.
Можеби животот е само игра на различни улоги, но не знам дали и поетот е улога, или тој само живее надвор од играта.


0 comments:

Post a Comment

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More