Saturday, April 2, 2011

Слава


Постои религија наречена glory (или слава), која е една гранка од христијанството и овие христијани имаат интересно мото: "let your light shine before men, that they may see your good works, and glorify your Father who is in heaven." Но ова е прилично небитно, бидејќи поимот слава е поинтересен од филозовска и психолошка гледна точка, но сепак не случајно го споив со религијата. Мислам дека славата како појава има повеќе религиска суштина од било која постоечка религија. Основната заедничка база на двете е рефлектирање на лажен или нереален профил. Лажноста се зголемува директно пропорционално со зголемување на обожавателите (фановите, следбениците).

Скоро налетав на текст (ЛИНК) за идеализирање на уметноста и, првенствено го сакам скептицизмот на Кели, па затоа го следам често. Но овој пат тој го оправда идеализирањето како начин за филтрација на квалитетот, иако јас бев целосно на спротивната страна, посебно после една фрустрација од метакритика, која си ја излечив со сеир врз неа (ЛИНК); сепак се сложив со Кели бидејќи на сите ни е потребно идеализирањето и сите несомнено го правиме тоа секој ден и во бројни правци - музика, филм, режисери, писатели, поезија, хумор. Всушност тоа е основото гориво кое нѐ придвижува во животот - импресијата, восхит. Нешто слично се случува и со женскиот гламур како магнет за мажите, а во суштина е само фејк маска.

Интересно е што во последно време приметив дека фејкот е преконцентриран во славните нешта од уметничката област, што всушност ја побива Келозофијата за филтрација на квалитетот, бидејќи денес славата почна да се базира на психолошка манипулација на стадото народ водено од медиуми. На пример Игор Џамбазов за некој ден ќе прави втора промоција на книга издадена во септември 2005 година, зошто? Веројатно затоа што тогаш не го интересираа комерцијалните цели и книгата не наиде на поголем публицитет, но ете сега го интересираат па го најмил Венко пумпачот да му напумпа една рецензија со чудесии, па да си заработи на грб на македонската глупавост и паѓање на лесни финти. Во 2005 -та беше 600 денари, денес е 400, и цените ги правдува со еден штос споредувајќи ги со едно скијање во Маврово кое чини 800 денари. Секако дека ја имам прочитано книгата и не сметам дека е глупост. Вреди да се прочита исто толку колку што вреди да се прочита едно просечно стрипче (да речеме од Владо Ј.), а стрипчето никогаш нема да ја има цената од 600 или 400 деанри. И на Венко ова не му е прв пат (се сеќам на еден пример за роднина му (тогаш) 15 годишен кога го напиша романот фантазија - Мистергонија); туку веќе традиција, а и си заработува човекот на тоа. Поентата ќе ја илустрирам во прашањето: каде е овде оправданоста за филтрирање квалитетна уметност?


Мислам дека славата како појава во уметноста е оправдана само кога се работи за починат уметник, тогаш е сигурно дека тој нема никаква комерцијална потреба. Славата треба да се вреднува во овој случај бидејќи е базирана на вистината. На пример Филип К. Дик пишувал по 68 страници на ден и почнал на околу 20 години, своите научно фантастични раскази ги продавал за мизерни цени и често гладувал бидејќи немал пари за јадење, па неретко и купувал коњска храна во анимал шоповите за да се прехрани. Денес според неговите раскази и новели се снимани филмовите: Blade Runner, Total Recall, RoboCop, Minority Report, Paycheck, A Scanner Darkly, Next, The Truman Show, Inception, Vanilla Sky, The Matrix и уште многу. Неговите напишани идеи се скоро 80% основата на целата филмувана научна фантастика во светот. Оваа слава ја исфилтрирало времето бидејќи овие филмови се сминани половина век после пишаното раѓање на нивните идеи.

Слава е нешто кое не сакате да ве обземе ако трагате по вистината. Смртта е вистинска, а вистината е болна затоа што болката е единствената вистина. Среќата е фиктивна апстракција базирана на лажна проекција или илузија, но сепак е неопходна и, проклето убава.

0 comments:

Post a Comment

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More