Tuesday, April 10, 2012

Ко је крив?

.
Во принцип никогаш не сум сакал да ја напуштам земјава, иако имав неколку другари со кои пораснавме во истото маало и до пред некоја година заедно излегувавме и се напивавме по кафиќите, а денес сите тие се успешни Австралијанци, Бугари, Американци и Италијанци. Да, Боби и Мацко, дечките со кои секој ден игавме серва у маало, кои живеат на 4-5 метри до мојата куќа, се веќе две години во Австралија, работат и студираат, веќе имаат свој капитал, веќе праќаат големи суми на нивните овде, а јас немам ни 100 денари за интернетов да си го платам. Арсо, кој е на 500 метри од моето маало, со кој седевме 4 години во иста клупа, спиевме и јадевме еден кај друг, планини и долини шетавме секој ден; сега работи и живее во Бугарија, програмира и зима убава плата. Деки отиде во Америка, Влатко со кој детството го изарчивме, веќе неколку години живее во Италија, студира за готвач, од праксата зема 5 пати повеќе пари од платата на татко ми. Ова се луѓето од моето маало со кои пред само 3-4 години заедно патувавме по планини и реки, заедно учевме, игравме фудбал, одевме во теретана; сега се десет пати поуспешни од мене само затоа што живеат надвор од државата. Додека јас решавав да бидам тврдоглав и да инвестирам во мојата Македонија. Менував по 6-7 фирми годишно, некоја не плаќаше, некоја немаше основни услови, некоја имаше газди кои уживаат во терор и цедење на последната капка пот на луѓето.
.
Куманово е мислам најиселенички град, 90% од луѓето се во Авганистан, додека 5% никогаш нема да се вратат и 5% се оние тврдоглавите, како мене. Впрочем бев и јас викнат за Авганистан, но после сите подготовки, наместо авионска карта добив писно со жалење дека позицијата ми е укината и треба да почекам да се појави друга, која всушност никогаш не се појави. Дури ни св. Димитрија не може да ме спаси од малерот што си го одгледувам во себе.
Голема работа, целата моја држава умешно го чува малерот веќе неколку децении, тврдоглаво ја одгледува својата нефункционалност и заглупавеност додека грујовизмот љубовно флертува со неа, а очите му светат како билборди.
.
Всушност воопшто немаше да се освестам дека целиот свет во кој живеев до пред некоја година, сега живее надвор од државата; ако не видов дека глумицата Мирјана Ѓоковиќ е славна во Америка како професор по глума и арт; а и Милчо Манчевски деновиве издава книга во истата Америка. Некако добивам чувство дека луѓето овде имаат многу потенцијал, а немаат простор за негово креативно искористување. Турските серии стануваат секојдневие, телевизиите имаат ретардирана програма, а единствените неколку освестени граѓани седат невработени и твитаат или блогираат за целото време. Зарем ние навистина не можеме да сториме ништо повеќе од пишување зборови?
Или тука на ум ќе ни падне онаа народната:
„стори нешто за државата - емигрирај!“
Нас секогаш ни паѓаат доста издржани досетки, само штета е што од нив не се заработува. Останува дилемата, или ќе емигрираме или можеби сакаме животот да го поминеме во борба за подобри услови?
.
Патем интересно е да се спореди, еве ја култната сцена од Буре Барут која ја претставува суштината на филмот, со фамозното „ко је крив“



А ова подолу е пародија на горнава сцена и тоа во истиот филм.

Филмот се случил 98-ма, а денес глумицата Мирјана (девојката на Тони Михајловски во филмот) е истакната професорка по актерство и арт во Калифорнија, додека Тони е само клошарче кое се бореше во војната во 2001-ва и беше оставен на цедило заедно со сите од единицата лавови додека албанските „борци за слобода“ земаат воена пензија; невработен, па водеше емисија, а лани глумеше во парада и панкот. Се снаоѓа колку да може да преживее, како впрочем и сите уметници во Македонија.

Можеби некогаш на крајот на мислите ќе ти падне мисла: која е таа битност на националниот идеал за кој вредело да се загине? Која е таа гордост да се наречеме патриоти? Може ли сето ова да го разбере еден Џон Ленон во моментот додека ја пее imagine?
.
Сепак тоа е само крајот на нашите мисли, а секој од нас се плаши да отиде до таму. Освен можеби ако некогаш реши да отпатува толку далеку што ќе заборави каде е таа горда Македонија и, веројатно никогаш нема да се врати. Но едно е сигурно - тогаш воопшто нема да биде важно „ко је крив“.
.

0 comments:

Post a Comment

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More