Tuesday, July 5, 2011

Уништување


“What was written will come to pass.”
.
Мислам дека свесноста има својство да ја менува реалноста според тебе, на пример ако се освестиш дека спиеш, тогаш не спиеш. Исто и ако се освестиш дека си луд, тогаш не си луд. Од друга страна, недостатокот на свесност те менува тебе според постоечката реалност, на пример ако не си свесен дека се уништуваш, ќе се уништиш и нема да направиш ништо во врска со тоа, па реалноста ќе ја има целосната контрола над тебе.
Пластичното знаење воопшто не е свесност, бидејќи што и да прочитам (или прочиташ), нема да е битно сѐ додека не го разберам вистински. Некаде имав прочитано дека сѐ што правиме води кон наше уништување, па дури и да не правиме ништо. Но тоа уништување е физичко, а она од насловот го планирав да се однесува кон психичкото (односно духовното). Тоа уништување е мислам многу слично со заборавот, на пример ако си ме заборавил, тоа значи дека не си свесен дека постојам, што аналогно значи дека во тој момент за тебе не постојам. Сѐ додека не ме видиш, со што стануваш свесен за мене, односно се присетуваш дека постојам. Твојот заборав, ги уништил работите што предходно постоеле, за или во тебе.
Но, не е толку битно дали си заборавил нечие постоење. Што ако се заборавиш себе си?
Еднаш во изнајмен стан во Скопје зборувавме со една другарка за разликата помеѓу психоделичен транс и психоделична музика и неколку теми од нестручна психологија (она што не пишува во стручните книги), ова се покажа интересно, но нејзе ѝ е всушност непрактично, т.е. во животот работи нешто сосема друго и го работи за да земе плата, а не зашто ѝ е интересно. Истото веројатно се случува и со вработената во Анхоч на Водњанска, која не знаеше дали Андроид 2.2 подржува јутуб апликација, а мораше и да погледне во каталог за да ја прочита цената за која не прашав бидејќи ги знам на памет точните цени за сите tablet PC кои ги имаат. Заклучив дека е многу е веројатно дека нејзината работа воопшто не ѝ е интересна. А ова се случува со можеби 90% од популацијата на земјата. Што ако ова значи дека ние сме се заборавиле себе си?
Единствена позитивна точка во ова е свесноста. Таа може да нѐ потсети на сѐ она за кое ќе одлучиме да се присетиме односно станеме свесни за негово постоење, што значи дека заборавените нешта можеме да ги повратиме назад. Единствената штета е што уништувањето на себе си е неповратен процес токму поради тоа што нема кој да го поврати, бидејќи единствениот кој тоа го може(л), си ти.

0 comments:

Post a Comment

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More