Thursday, December 1, 2011

Каде да објавувам?



Она што е одговорот на прашањето „каде да објавувам“, обично го обликува одговорот и на прашањето „што да објавувам“. Тоа се случува поради самата крактеристичност на медиумот, и работи на истиот принцип како и поговорката „со кого си, таков си“ која секако воопшто не мора да биде прецизно мерило за нештата, но сепак постои еден мал кревок фрагмент на влијанија кои така цврсто ги поврзуваат двете нешта, кога се заедно.


Обликот и формата на објавата понекогаш не само што ги ограничува (и неретко определува) самиот медиум, туку и зависат од навикнатиот начин на користење на тој медиум од корисниците, независно дали тоа ќе биде статус на facebook со некоја мудра мисла, или твит на твитер со некоја хумористична или хуморно зајадлива мисла, или можеби ќе биде блог пост каде што ќе критикуваме одредени случувања кои во моментот се движат во јавноста. Токму поради таа причина јас понекогаш се чувствувам збунет кога е во пршање местото каде да го објавам тоа што го мислам, токму затоа што треба да го обликувам според медиумот. А згора на тоа и самата мисла или идеја за објава, во тоа двоумење се случува да биде пресечена уште од мали нозе т.е. уште целосно неоформена.
Од друга страна, збунетоста доаѓа и од самото недоволно разбирање на навиката на мнозинството објавувачи во одреден медиум, не дека се работи за комплицираност, туку за недоволно следење на истиот медиум поради тоа што ни станал досаден т.е. не сме почувствувале некаков предизвик кон него. А колку повеќе го избегнуваме поради тоа, толку повеќе досаден станува, па така се случува една бескрајна процедура. Иако јас (како и повеќето други) во суштина сум навлезен во секој можен начин на објавување на интернет, но сепак понекогаш постои двоумењето „каде да објавам“ а подоцна неретко доаѓа и до губење на смислата на една идеја поради првото двоумење, па тогаш настапува второто: „што да објавам“. А оттука повторно се раѓа една бескрајност од повторувања на нештата.
Иако луѓето објавуваат паралелно на сите три (попопуларни) интернет медиуми, сепак мислам дека мора да постои еден кој им е основен или омилен, а другите помалку омилени или споредни. Ако направиме една анализа, мислам дека повеќето твитерџии се и блогери, додека повеќето фејсбучари се луѓе кои пред да постои facebook не знаеле што е тоа интернет, а уште помалку што е тоа блог или форум. Во меѓувреме сепак се присетив дека пред да објавувам било што на интернет – бев блогер. Па тогаш која е причината сега да не знам каде да објавувам?




0 comments:

Post a Comment

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More