Tuesday, April 6, 2010

(Не)моќта на зборовите




Ми се случува период кога немам потреба од пишување, а истовремено во мислите ми скокаат безброј идеи и блиц сваќања за кои сите околу мене уште не се свесни. Кога би зборувал наместо да пишувам, сето тоа би испарило уште во моментот кога ќе го кажам, затоа што би наишло на огнена бариера исплетена од недоразбирања, предрасуди според ликот и спомените, коплекси на страв од манипулација со зборовите поради веќе познатата злобна употреба на елоквентноста и уште куп непотребни јазли.. (кога реков: „не се бори кога не е потребно“, можеби требаше да му се удри подлабока анализа?).
Пишувањето е во многу поголема предност од зборувањето. Еве зошто: сите овие горе наведени форми во плетот на бариерата на која би наишле зборовите, се менливи со текот на времето, па така ако денес ја плеткаат бариерата, утре при повторно читање, може да ја отплеткаат, т.е. да нема бариера. Па ете, ми дојде малку волја, па ај да искористам додека не заминала пред време за ме натера да го избришам ова.
Зборовите имаат голема моќ и тоа многумина го потврдуваат со самото бегање од информации и објаснувања, затоа што се чуствуваат немоќни пред таа огромна моќ на зборовите за манипулација со нив. Овде навлегов подлабоко од еден сосема чист момент на разочарување! Нели, обично кога сме разочарани можеме да размислиме многу подлабоко за нештата. Можеме, а и не мораме, зависи од самите нас. Ме зафати мисла: „зошто јас не можам да го покажам она што го гледам?“ Не, не сум нестрплив, секој што напишал (не доволно паметна) книга верувам дека има доволно трпение за да не му е гајле за ништо, оти после години сигурен е дека сѐ ќе се дофати, хармонизира, среди, добие на сатисфакција или било како наречете го. Мене само ми е жал за временскиот пропуст што го прават ликовите кои ги сакам. Имено, тие не сакаат да си ги побијат своите паушални и пребрзи заклучоци, не толку поради гордост колку поради мрза и безволие за подлабоко размислување и најважното – страв од зборовна манипулација.
Проклетството да си елоквентен се состои во тоа што не си секогаш елоквентен, поради природното присуство на мрзата или безволието, а и грешката не е исклуичена, па затоа обично на елоквентните им е потребен доволно авторитет за да со него си го покријат и оној мрзлив безволен дел или па и грешка, што е доста чест случај оти сите ние сме само обични луѓе. Сите сме истовремено паметни и глупави, но важноста или поентата ни случајно не лежи во тоа (да се биде паметен или интелектуалец), туку токму во начинот на разбирање на нештата и следователно на тоа – дејствување врз нив!
Сите имаат различна перцепција на она што го гледаат пред нив, а истата таа е зависна од нивните спомени, емоции, содржината што ја имаат во она што го нарекуваат карактер и уште куп хемиски процеси кои им се случуваат во телото, поточно во главата. Кога ќе почнат да ги перципираат нештата, истите поминуваат најпрво преку едно огледало (да го наречеме така) или бран од сите предходни претстави, слики, симпатии, антипатичности за ликот или нештото од кое ги перципираат работите што ги гледаат. Сѐ зависи од нас самите, па затоа многу е поволно во истиот тој момент да се помисли и дека не ни е потребен никој за да го измениме нашиот поглед кон нештата, тоа го можеме ние, само ако сакаме!
Се чуствувам навистина немоќно кога знам дека ги имам само зборовите. Делата или дејствата одамна се погрешно или изопачено перципирани, не од сите, доволно е од еден само и тој еден да е баш едиствениот лик кој за мене има специјално значење или за кого би ја истискал, размачкал, исцедил сета крв од мене и би напишал зборови со неа, до поледната капка. Довербата беше всушност најважна, заедно со разбирањето, бидејќи само поради недостиг од тие две, се случуваат сите зла на светот, доволно е да се напомнат само сликите од војните.
Постојат нешта кои ги разбирам на еден начин кој е невозможен за искажување со зборови. А уште помалку, точно разбран од другите. Ете затоа немам потреба од пишување, оти се јавува чувство дека е залуден трудот. Залуден затоа што му стојат само две бариери: Прво – нема да го искажам во детермираната замисла; второ – нема ни да се разбере според замисленото, туку според некој својствен начин кој е во зависност само од процесите во главата на перципирачот кои се својствени само за него поради различноста на спомените и уште нешта во мемориајта. Многу е јасно дека сѐ што гледаме, е зависно од самите нешта кои нѐ содржат нас т.е. од самите нас. Зависно! Тоа значи дека може да ја смени формата ако се смениме ние!
Довербата е единственото најважно нешто за да се оформи разбирањето од кое пак зависи сѐ и истовремено не зависи ништо.


0 comments:

Post a Comment

Twitter Delicious Facebook Digg Stumbleupon Favorites More